Продажбата и продажната
функција во еден бизнис претставува основа за нормално и успешно функционирање
на бизнисот. Секој бизнис мора да продава без разлика дали е тоа производ и/или
услуга.
Без продажба, нема приход, нема ни пари за финансирање на
бизнисот. Тоа е основата на функционирањето на секој бизнис.
Начини на продажба
Продажбата се одвива преку одреден вид на
контакт помеѓу бизнисот (најчесто продажно лице) и купувачот. Но, развојот на
технологијата и интернетот во голем дел доведоа до промени во можностите во
начинот на изведување на продажбата. Сега не мора да постои директно продажно
лице за да се изведе самата продажба, но сепак во голем дел принципите
остануваат исти. Психологијата на човекот иако малку е изменета сепак
размислувањето и клучниот елемент на донесување на одлука останува приближно
ист. Наместо човек, во позадина е машина која е програмирана на некој начин да
се однесува како човек.
Во најголем број на случаи за различни видови
на бизниси продажбата може да се изведе на следниве начини:
· Состанок. Состанок лице во
лице помеѓу продавачот и купувачот. На еден ваков состанок се презентира производот
и/или услуга предмет на продажба и се преминува во фаза на преговарање и
договарење до конечна одлука - спроведување на продажба или откажување на
истата.
· Продажба на саеми. Ова
е вообичаена продажба каде преку директна презентација на производот и/или
услуга на настани како саеми се сретнуваат продавачот и потенцијалниот купувач.
· Продажба од врата до врата. Во овој случај продавачот оди од врата до
врата презентира и очекува да обезбеди продажба.
· Телефонска продажба. Овој
начин на продажба претставува избирање на група на телефонски броеви на кои во
одреден период продавачот ќе се јави, ќе изведе презентација преку која очекува
да се спроведе процесот на продажба.
· Каталошка продажба. Овој
вид на продажба се изведува кога бизнисот ги листа производите и/или услугите
во негов или нечиј туѓ специјализиран каталог кој се распределува до
потенцијалните купувачи и се очекува тие да нарачаат производ и/или услуга.
· Поштенска продажба.
Продажбата може да се изведува и преку пошта при што купувачот нарачува
производи кои му се доставуваат преку пошта.
· Продавница. Еден од
најзастапените начини на продажба е продажба преку продавница каде
потенцијалните купувачи влегуваат, гледаат, избираат, пробуваат и купуваат.
Освен преку сопствени продавници бизнисите може да продаваат и преку други
продавници (продавници на други бизниси).
· Интернет продажба. Овој
начин на продажба е кога имате веб продавница преку која купувачот бира
производ и/или услуга, плаќа со помош на кредитна картичка и производот му се
доставива преку пошта за физички производи или директно електронски за
електронски производ.
· Affiliate продажба. Претставува посебен вид на продажба која се
користи на интернет преку која еден бизнис станува affiliate (член на affiliate
програмот) на вистинскиот продавач (производителот) и тој добива награда од
продавачот за секој пратен посетител на сајтот кој извршил купување. Овој
процес стана бум во последните години и како интернет продажба се користи од
сите светски познати интернет бизниси.