Извори на финансирање

Финансирање претставува користење и манипулација со пари. Обезбедување на пари за започнување на бизнис претставува еден вид на финансирање. Овие пари се нарекуваат капитал за започнување на бизнис.
Доколку претприемачот нема или не може да обезбеди доволно пари потребни за бизнисот втората опција е да се користат пари на други лица.
Постојат два начина да се обезбедат пари од други лица за бизнисот. Тие извори на финансирање се:

1. Извори на сопственички, т.е. траен капитал
Бизнисот се откажува од одреден процент на сопствеништвото за парите кои ги добива. Овие пари остануваат на трајно користење во бизнисот, односно истиот нема обврска да ги врати тие пари на оној кој вложува. Ова значи дека вложувачот добива процент од идните добивки од бизнисот врз база на процентот на сопствеништвото.
Изворите на сопственички, односно траен капитал кој не треба да се враќа, но има влијание на сопственичката структура може да се појави во различни облици. Во практиката обезбедување на финансии не секогаш како траен капитал на бизнисот влијае на сопственичката структура, односно претприемачот останува единствениот сопственик, таков е случајот кога се обезбедуваат пари со позајмица од роднини или пријатели.
Можните облици на извори на сопственички капитал се:
·      Претприемачот
·      Неповратни финансиски средства
·      Роднини и пријатели
·      Бизнис партнери
·      Ризичен (или venture) капитал (venture capital firms)
·      Бизнис - ангели
·      Издавање акции
·      Реинвестирање на профитот

2. Извори на позајмени финансиски фондови, т.е. финансирање преку задолжување
Бизнисот позајмува пари и ги враќа во определен временски интервал со определено зголемување за износ на камата за користење на тие пари. При еден ваков извор на финансирање, претприемачот потпишува договор во кој се обврзува да го врати износот на целиот долг зголемен за износот на каматата.
Овој втор облик на финансирање на бизнисот претставува позајмување, односно задолжување при што претприемачот оди кај лицата или институциите и позајмува пари со потпишување на договор дека во определен временски период ќе ги врати заедно со износот на каматата.
·      Позајмување од банка
·      Лизинг
·      Факторинг

Освен овие два начини на финансирање постојат многу успешни примери на таканаречено „bootstrap” финансирање.

Bootstrap финансирање претставува збир на методи кои се користат за намалување на износот на надворешен долг и капитално финансирање од банки и инвеститори. На ваков начин бизнисите сами го финансираат почетокот или растот на бизнисот преку сопствена заработка, заштеда или тековен имот. Не користат кредити или инвеститори кои би добиле удел во бизнисот. Една од најголемите предности е што вашиот бизнис ќе вреди повеќе бидејќи помалку ќе должи и што нема да плаќате високи камати за кредитите кои ги користите.